Борбено реми на футсалците на Македонија и Романија

Македонската футсал репрезентација одигра нерешено, 2-2 против фаворизираната селекција на Романија во рамките на второто коло од квалификациската група за пласман на Европското првенство 2022 година. Во СЦ „Јане Сандански”, избраниците на селекторот Васко Скендеровски одиграа одличен натпревар и заслужено го освоија првиот бод во овие квалификации. Нашата селекција поведе во првото полувреме со голот на Даниел Дандан, но романската селекција израмни веќе во следната минута кога изведоа корнер, а топката го закачи Мицевски, го смени правецот и го имзами голманот Петровски. Во 33. минута, Марлос им донесе водство на гостите по корнерот на Фелипе, а бодот за Македонија го обезбеди капитенот Дарко Ранготов во 38.минута со убав и прецизен удар. За дарко Ранготов ова беше јубилеен, стоти натпревар во дресот на Македонија. На вториот натпревар во нашата група, БиХ ја совлада селекцијата на Србија на гостински терен со 4-2, а тоа беше втора победа за БиХ.