Борзаш: ПСЖ нека биде празник пред најдобрите навивачи во светот

Српскиот ракометар Урош Борзаш, истакна дека дуелот со ПСЖ ќе биде празник за битолчани и најави голема борба и изненадување.
„Оставаме зад нас тежок период. Мислам дека бевме добри, ги победивме важните натпревари против Алкалоид, Охрид и Динамо Букурешт. За жал се испостави дека нема да ја поминеме групата во Лигата на шампионите. Дуелот против ПСЖ в четврток е празник за луѓето во Битола, бидејќи ни доаѓа една од најдобрите светски екипи. Треба да се покажеме во вистинско светло, да дадеме максимум како и на сите натпревари досега и да се обидеме да победиме. Знаеме дека ПСЖ ќе дојде мотивиран во Битола, бидејќи важно им е да завршат второпласирани во групата и директно да се пласираат во четвртфинале. Ќе дојдат во најсилен состав и со мотив да победат.
Последните натпревари против ПСЖ покажаа дека добро играме против овој тим. Одигравме храбро и не го респектиравме ривалот на првиот дуел сезонава. Така треба да бидеме и в четврток и да ги искористиме нашите шанси и нивните слаби страни.
Сакам да се заблагодарам на атмосферата во Лигата на шампионите оваа сезона. Навистина ги имаме најдобрите навивачи во Европа, салата е веќе распродадена в четврток и верувам дека фановите пак ќе бидат со нас“, рече Борзаш.
Средбата меѓу македонскиот и францускиот шампион се игра в четврток, со почеток од 20:45 часот.