Борусија Дортмунд објави големи загуби од пандемијата од ковид-19
Раководството на Борусија Дортмунд очекува загуби од 75 милиони евра за тековната финансиска година, а причината е пандемијата ковид-19, објави германскиот клуб.
„Жолто-црните“ ја амортизираа штетата со пласман во Лигата на шампионите и освојување на Купот на Германија, но сето тоа се случи пред празни трибини.
Извршниот директор на клубот Ханс-Јоаким Вацке веќе објави дека очекува дефицитот да биде помеѓу 70 и 75 милиони. Тој тоа го стори за време на состанокот на акционери на почетокот на сезоната, но исто така не ја исклучи можноста загубите за финансиската година што завршува ова лето да бидат поголеми.
Во првичните пресметки на загубите, Борусија Дортмунд сепак се надеваше дека ќе има 20 проценти од капацитетот на „Сигнал Идуна Парк“ во последните месеци од сезоната.