Бразилците повеќе не сакаат да играат натпревари без ВАР-системот
Фудбалерите на Шпанија и Бразил ремизираа 3-3 синоќа во Мадрид, во пријателски натпревар.
Спектакуларна натпревар одиграа двете силни селекции, но гостите беа огорчени по мечот. Се чини дека е со право, бидејќи сомнителни беа два пенали за домашните.
Натпреварот беше полн со тензија, а беше решен во 96. минута, кога Лукас Пакета од пенал, трет на натпреварот, му донесе реми на Бразил. Имаше многу дискусии, турканици, остри стартови, но и контроверзни одлуки на судијата Антонио Нобре од Португалија, кои придонесоа да се разгорат страстите.
Првиот пенал за Шпанија беше многу сомнителен, бидејќи се чини дека младиот Јамал направи прекршок, а прашање е и дали дуелот помеѓу Бералдо и Дани Карвахал во 85. минута беше навистина прекршок?
Затоа, не изненадува ставот на претседателот на Фудбалската федерација на Бразил (ЦБФ), Едналдо Родригес, кој истакна дека ќе ја извести ФИФА дека петкратните светски шампиони нема да играат пријателски натпревари без ВАР технологијата.
„Бразил ќе ја информира ФИФА дека не само на официјалните натпревари на бразилскиот тим, туку и на пријателските, употребата на ВАР е задолжителна. Фудбалот многу напредуваше во Европа и такви работи се неприфатливи на толку важен натпревар“, рече Родригез.