Британија ќе го депортира затвореникот Борис Бекер
На легендарниот германски тенисер Борис Бекер по отслужувањето на затворската казна му се заканува депортација од Велика Британија, јавуваат британските медиуми.
Поранешниот светски тенисер број еден и трикратен победник на „Вимблдон“ моментално отслужува затворска казна за затајување данок и проневера по банкрот.
Бекер беше осуден на 30 месеци затвор. Првите недели од казната ги поминал во озлогласениот затвор „Вандсворт“, а потоа бил префрлен во „ХМП Хантеркомб“, на околу 70 километри од Лондон, кој е затвор со помал ризик.
Островските медиуми јавуваат дека по излегувањето од затвор, на Бекер му се заканува депортација од Велика Британија како странец кој отслужил затворска казна од 12 месеци или повеќе.
Според друго сценарио, Бекер би можел да биде вратен во Германија пред да му истече казната, отслужувајќи го остатокот од своето време во својата татковина.