Британката Радукану од квалификантка до Грен слем без загубен сет
Ема Радукану го запиша своето име со златни букви во историјата на тенисот, бидејќи стана првата квалификантка која стигна до трофеј на еден грен слем турнир откако го изоде најтешкиот пат.
Во спектакуларното тинејџерско финале на Флешинг Медоус, Британката Радукану покажа далеку подобра игра и концентрација во клучните моменти, па во еден крајно атрактивен меч ја совлада Лејла Фернандез со максимални 2-0.
Осумнаесетгодишната Ема ја победи една година повозрасната Фернандез со 6-4 и 6-3 во женската тениска завршница во Њујорк, но покрај тоа што стигна до својата прва грен слем титула, се погрижи и за историја каква што не се памети во „белиот спорт“.
Радукану е првата Британка која освојува грен слем титула по далечната 1977-ма година и прва квалификантка која ќе ги стави рацете на еден грен слем трофеј, а начинот на кој го направи тоа прави да бидеме сведоци на тениска бајка.