Брињоне објави крај на сезоната по двете олимписки злата

Италијанската скијачка Федерика Брињоне одлучи предвреме да ја заврши сезоната откако освои две златни одличја, во велеслалом и супервелеслалом, на неодамнешните Зимски олимписки игри 2026 (ЗОИ) на домашен терен во Кортина д’Ампецо.

Откако минатата сезона го освои Големиот кристален глобус во Светскиот куп во алпско скијање, втор пат во кариерата, 35-годишната Брињоне доживеа сериозна повреда на лигаментите на коленото за време на италијанското првенство, што дури го доведе во прашање нејзиното учество на Зимските олимписки игри 2026. Сепак, Брињоне, успеа да се опорави на време и да освои два златни медали.

„Мислам дека многу барав од моето тело во последните неколку месеци. Од првиот ден по повредата, мојата единствена цел беше да се натпреварувам на Игрите во Кортина. Затоа ќе направам кратка пауза, а потоа ќе продолжам со рехабилитацијата која досега беше форсирана за да можам да се натпреварувам“, објави Брињоне.