Будуќност ќе настапува на „македонски“ погон

Актуелниот македонски репрезентативец Џејкоб Вајли, во наредната сезона ќе игра за екипата на Будуќност од Подгорица.

Силното американско крило со македонски пасош, се согласил на условите кои пред него ги поставил најдобриот црногорски тим во последните две децении, па по играњето за Гран Канарија, а во вториот дел од сезоната и во екипата на Сарагоса, Вајли ќе го продолжи својот кошаркарски пат кон Црна Гора, поточно во Подгорица.

Таму е веќе уште едно познато име на нашата кошаркарска јавност, екс селекторот на Македонија, Александар Џикиќ, веројатно и еден од „виновниците“ за овој трансфер.

„Да, можам да кажам дека се завршени сите детали околу договорот. Во следната сезона ќе бидам поблиску до Македонија. Ќе играм за екипата на Будуќност од Подгорица. Видете, полека но сигурно станувам Балканец. Ми се допаѓа тоа“- вели Вајли кој ги „троши“ слободните денови, пред стартот на подготовките на нашиот сениорски национален тим.

Дваесет и шест годишниот кошаркар, одлично ги покрива двете центарски позиции, а минатата сезона ја почна како играч на Гран Канарија по што уследи и позајмицата во Сарагоса.