Буфон: Мојата Италија е потценета на ова Европско првенство
Актуелниот европски првак Италија е во групата Б со Хрватска, Шпанија и Албанија. „Аѕурите“ го отвораат првенството против Албанија во сабота од 21 часот, потоа во четврток од 21 часот играат со Шпанија, а во понеделник на 24 јуни ќе играат против Хрватска во последното коло од групната фаза.
Шеф на италијанската делегација на ЕП е легендарниот Џиџи Буфон, кој на денешната прес-конференција рече дека смета дека Италија е потценета на ова првенство. „Аѕурите“ пристигнаа во Германија во понеделникот, а вчера го одработија првиот тренинг пред пет илјади гледачи.
Ова ќе биде прв голем меѓународен турнир за Буфон како шеф на италијанската делегација, па тој беше прашан за неговите чувства и размислувања пред саботниот дуел со Албанија.
„Ме интересираше како ќе се чувствувам во поинаква улога и каква ќе биде подготовката. Можам да кажам дека чувството е исто како кога бев играч. Нивото на адреналин и фокус е зголемено во однос на почетокот на подготовките. Сакам да дадам мојот мал придонес и се надеваме дека ќе направиме големи работи овде во Германија“, изјави познатиот голман кој во 2006 година во Германија ја освои титулата светски шампион.
„Мислам дека овој тим е потценет. Можам да кажам дека момците се исклучително конкурентни, а нивото на нивните човечки доблести е импресивно. Најмногу ми се допаѓа што сите имаат импресивно чувство за припадност кон репрезентацијата. Покрај тоа, имаме пет-шест врвни играчи, па можам да кажам дека го имаме вистинскиот тим за ова натпреварување.“