Валверде го надмудри Мурињо, Атлетик Билбао слави во Истанбул
Фудбалерите на Атлетик Билбао го победија Фенербахче со 0-2 вечерва во Истанбул во првиот натпревар од 6.коло во Лига Европа.
Победата на гостите им ја донесе Ињаки Вилијамс со головите во 5. и 45. минута.
Фенербахче го заврши натпреварот со десет играчи, бидејќи Мерт Мулдур во 69. минута мораше да биде исклучен поради втор жолт картон.
Атлетик моментално е прв на табелата во Лига Европа со 16 бодови, додека Фенербахче е на 15. позиција со осум. Екипата од Билбао сериозно атакува на титулата во Лига Европа, бидејќи финалето оваа година се игра на нивниот стадион „Сан мамс“.
Во следното коло од ЛЕ, Атлетик му гостува на Бешикташ, додека Фенербахче ќе го пречека Олимпик од Лион.