Валверде ослободен од обвинување за „случајот Баена“

Феде Валверде ја заврши минатата натпреварувачка сезона со најава дека ќе ги пропушти воведните пет кола во новата, но до такво нешто сепак нема да дојде.

Уругвајскиот репрезентативец ја избегна навестената тешка казна која требаше да ја добие, откако натпреварувачката Комисија во Шпанија не најде доволно докази против фудбалерот на Реал Мадрид.

Главниот судија кој го водеше овој случај предложи казна од пет натпревари за Валверде поради физичкиот напад врз Алекс Баена во подтрибинскиот простор на „Сантијаго Бернабеу“, па иако беа испрашувани и сведоци од двата тима, на крајот Комисијата не собра доволно докази за да додели казна.

Станува збор за скандал кој се случи на 8-ми април по натпреварот меѓу Реал и Вилјареал во шпанската престолнина, кога Баена се пожали дека бил физички нападнат од Валверде и добил удар во главата пред паркингот на стадионот.