Валтер: Не сакам да барам изговори, но бевме премногу уморни

Ракометниот клуб Еурофарм Пелистер забележа убедлив пораз на гостувањето во Шпанија кај Бидасоа Ирун со 32:20.

Ракометарите на битолскиот клуб дуелот со Бидасоа во рамките на Лига Европа, го започнаа солидно и играа доста добро во првите петнаесет минути од средбата, но потоа настапи голем пад во нивната игра, што домаќинот од Шпанија одлично го искористи. Бидасоа уште при крајот на првото полувреме оствари одлична разлика која успеа да ја задржи до крајот на средбата.

Тренерот на Еурофарм Пелистер, Ларс Валтер, после натпреварот истакна дека уморот и повредите на неколку играчи се главна причина за поразот од Бидасоа.

„Бевме премногу уморни, а ракометарите на Бидасоа одиграа моќно. На минатите натпревари се соочивме со многу повреди и тоа ни донесе многу проблеми. Ова не треба да биде изговор за поразот, но овај натпревар ни дојде премногу. Моите играчи го направија тоа што можеа на теренот. Сега ни останува добро да се одмориме и да бидеме целосно подготвени за следниот натпревар“, изјави Валтер.

Следен натпревар за Еурофарм Пелистер во Лига Европа ќе биде реванш дуелот со Бидасоа Ирун кој ќе се игра следниот вторник во Битола од 20:45 часот.