Валтер: Освоениот бод може многу да му значи на Пелистер во расплетот од групата

Македонскиот ракометен вицешампион, Еурофарм Пелистер, одигра нерешен натпревар 29:29, на домашен терен во Битола, против шпанската екипа Бидасоа Ирун.

Освоениот бод против Бидасоа во рамките на Европската лига, го приближи Пелистер на чекор до пласман во нокаут фазата од ова натпреварување.

Тренерот на Еурофарм Пелистер, Ларс Валтер, после натпреварот изјави дека освоениот бод може да биде многу важен во расплетот на групата.

„Благодарност до публиката која што дојде на трибините и ни даде поддршка која што многу ни значеше. Добро го почнавме натпреварот, одлично трчавме без топка и имавме поволен резултат. Но, во вториот дел се почувствува тоа што Хосни не тренираше еден месец, исто така и Дејвис, Хенеберг после болест немаше енергија, а се повреди и Кукоски. Па падот во нашата игра беше очекуван. Но и покрај сите проблеми успеавме да се вратиме и да освоиме бод. Како што рече мојот колега, овој бод може многу да значи во понатамошниот расплет во групата. Мислам дека сме на правиот пат. Ако денес овој бод изгледа како лош резултат, сигурен сум дека за неколку дена ќе изгледа многу подобро“, изјави Валтер.