Валтер: Покажавме физичка инфериорност со Војводина
Ракометарите на Еурофарм Пелистер, загубија на гостувањето кај екипата на Војводина со резултат 29:24, во првото коло од новата сезона во СЕХА лигата.
Тренерот на битолската екипа, Ларс Валтер, во својата изјава после натпреварот вели дека поразот бил заслужен, и дека ракометарите уште не ја имаат достигнато правата натпреварувачка форма.
„Агресивната 6-0 одбрана на Војводија ја „уби“ нашата флуидност. Од таа агресивност не можевме да напаѓаме како што планиравме. Не трчавме многу без топка и покажавме физичка инфериорност. Сепак, тоа е заслуга и на нашиот противник. Не работевме комплетни овој месец и ритамот ни е пореметен. Но, нема изговори, загубивме од подобар тим и треба само да работиме за да се подобриме“, изјави Валтер.