Варан влезе во раководството на Комо
Рафаел Варан сега е член на бордот на директори на Комо, соопштија од клубот. Французинот ќе биде одговорен за развојот и едукацијата на младите играчи, како и за иновациите на производите.
Неодамна, 31-годишниот Варан ја заврши својата натпреварувачка кариера токму како играч на Комо, откако заработи тешка повреда на првиот меч за италијанскиот тим.
Во текот на својата кариера, дефанзивецот играше за Ленс, Реал Мадрид, Манчестер Јунајтед. Четири пати ја освои Лигата на шампионите и стана светски шампион со Франција во 2018 година.
„Во текот на мојата кариера бев мотивиран да се подобрам себеси. Мојата нова улога не е крај на моето фудбалско патување, туку нов почеток на кој се радувам. Возбуден сум што ќе бидам дел од овој амбициозен проект“, изјави Варан.
Комо моментално се наоѓа на 14-тото место во Серија А со осум бодови од седум натпревари.