Вардар аплицираше за ЛШ, ЕХФ објави кога ќе се знаат учесниците

Вардар е меѓу 27-те екипи кои аплицираа за учество во машката Лига на шампиони за сезоната 2026/27, потврди Европската ракометна федерација. Од пријавените, 21 екипа доаѓа од држави со фиксно место во натпреварувањето, а рангирањето на федерациите се базира на резултатите од претходните три сезони (2022/23, 2023/24 и 2024/25).

Меѓу земјите со фиксно место се Германија, Шпанија, Франција, Данска, Полска, Унгарија, Романија, Португалија, Хрватска и Норвешка. Шампионите на овие нации имаат автоматско место, додека дополнителни 10 екипи од седум од нив поднеле барања за учество од ЕХФ Европска лига. Секоја федерација може да побара до две дополнителни места, но вкупниот број на екипи по федерација е ограничен на максимум три.

Останатите шест екипи се од земји без фиксно место, меѓу кои е и Вардар. Од сезоната 2026/27, системот на играње се проширува на 24 екипи, поделени во шест групи по четири. Сите барања ќе бидат разгледани од евалуациска група составена од ЕХФ, ЕХФ Маркетинг и претставник на Форум Клуб Хендбол, а конечната одлука ќе ја потврди Извршниот комитет на ЕХФ.

Одлуката за учесниците ќе биде објавена во понеделник, 22 јуни, неколку дена пред ждрепката за групната фаза, која ќе се одржи на 26 јуни во Виена.