Вардар во судиското надополнување од пенал го „скрши“ Силекс

Со голот на Роџерс Мато во судиското продолжение од натпреварот, Вардар го совлада Силекс со 2-1. Интернационалецот од Уганда го реализираше пеналот кој оправдано беше досуден по игра со рака во шеснаесетникот на еден од играчите на Силекс. Со оваа победа, Вардар повторно се искачи на врвот на табелата по одиграните единаесет кола.
Стартот на мечот го одбележаа двете сериозни шанси на Дарко Додев, кој по левата страна имаше два продора, но во двата наврати беше непрецизен.
На спротивната страна, по одлична асистенција на Роџерс Мато, капитенот Азер Омерагиќ излезе сам пред голманот Џеков и прецизно реализираше за водство од 1-0.
Следуваше период во кој Вардар се обидуваше да го зголеми водството, но Силекс успеа да израмни. Во 14. минута, Силекс одигра убава акција по левата страна, дел од теренот кој беше најопасен во првиот дел. Топката стигна до Хрговиќ, кој силно биеше под пречката на голот на Талески, израмнувајќи на 1-1. До крајот на полувремето, Вардар имаше уште неколку обиди преку Бабунски, Данев и Мато, но без реализација.
Во второто полувреме, првата голема шанса ја имаше Мислав Матиќ, кој одлично реагираше по центаршут, но со глава биеше директно во Џеков. Потоа следуваа два удари на Роџерс Мато, кој иако беше активен во нападот, во тие моменти немаше свој ден и шутираше над голот. Десетина минути пред крајот, се случи еден од клучните моменти на натпреварот.
Едис Спахиу украде топка на аголот од шеснаесетникот, по што гостинскиот голман Џеков реагираше со игра со рака надвор од својот простор. Судијата правилно покажа црвен картон, а Силекс беше принуден да направи измена и да продолжи со играч помалку. Длабоко во судиското продолжение, Вардар доби пенал по игра со рака на еден од дефанзивците на Силекс.
Одговорноста ја презеде Роџерс Мато, најдобриот стрелец на „црвено-црните“ во тековниот шампионат, кој сигурно реализираше за конечни 2-1 и нова голема победа на Вардар.