Вардар го надигра Пелистер во првото „вечно дерби“ сезонава

На втората пресметка од новото првенство, екипата на Вардар на домашен терен на Националната арена “Тодор Проески”, го совлада Пелистер во вечното дерби на фудбалска Македонија со резултат од 4-1.

Домаќинот имаше повеќе од играта, ги искористи шансите во вистинско време, за разика од противникот и заслужено славеше на дуелот.

Вардар ја имаше првата зицер ситуација во првиот дел откако Димитар Данев излезе сам пред Јовчевски. Сепак, младинскиот репрезентативецот, не се снајде најдобро во ситуацијата, не шутираше на време и шансата пропадна. На другата страна пак, Петар Ристиќ излезе сам, пред Талески шутираше, но голманот на Вардар прекрасно брани. Во самиот финиш на првиот дел, односно во втората минута од судиското продолжение, токму Димитар Данев од позиција централно во шеснаесетникот шутираше неодбранливо во долниот лев агол од голот на Пелистер за 1-0.

Во вториот дел Вардар започна офанзивни и рано постигна и втор гол. Во 50. минута, Роџерс Мато со акробатски потег ја зафати топката, го лобуваше Јовчевски и влезе во голот на подалечниот дирек.

Пелистер резултатски се враќа во игра по добрата акција во 65. минута во која одлично се снајде Лука Булатовиќ кој погоди под Талески во неговата лева страна.

Сепак, домаќинот делуваше пресилно на овој дуел. Долго нафрлување дојде до Димитар Данев, кој што со дриблинг го измами директниот чувар, а потоа прекрасно погоди за 3-1. Негов втор гол на овој дуел со што дефинитивно покажа дека е топ засилување за Вардар оваа сезона.

Во судиското продолжение од дуелот, резервистот Кастањеда со соло пробив и одмерен удар со десна нога ги постави конечните 4-1 на овој дуел.