Вардар го совлада Алкалоид во скопското дерби во Автокоманда

Ракометарите на Вардар го завршија регуларниот дел од сезоната во Суперлигата на најдобар можен начин, односно со нова дерби победа над Алкалоид, овојопат во Автокоманда.
Лидерот на табелата делуваше како ранет лав по непријатниот пораз од Бенфика во Европа и се прикажа во далеку поинакво светло против момците на Кирил Лазаров, па во меч во кој на крајот одлучуваа нијанси и подобри нерви меѓу ракометарите, како поумешни излегоа гостите.
Георгиевски украде две клучни топки во последните две минути и осигура два напади за Вардар во период кога Алкалоид бркаше израмнување, па токму тоа направи одлучувачка разлика на дербито кое заврши со резултат 25-28.
Вардар го диктираше ритамот на овој натпревар и во прв план се најде Јака Малус кој постигна десет погодоци, но извонредни беа и Хориха и Митровиќ со по шест реализации.
Во поразениот тим, Борзаш беше најдобар со девет реализации, додека Митев стрелаше во четири наврати. Вардар со оваа победа ја осигура позицијата број еден во плејофот, Еурофарм Пелистер ќе стартува како втор, додека Алкалоид без ниту една дерби победа во регуларниот дел од сезоната ќе има четврта стартна позиција во разигрувањето позади Охрид.