Вардар победи во Струга и ја осигура шампионската титула

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар од денеска и официјално е нов шампион на Македонија. „Црвено-црните“ на коло пред крајот на сезоната и математички се недостижни за својот најголем ривал Шкендија, откако денеска во меч од 32. коло славеа на гости кај Струга ТЛ со 1:0.
Средбата во Струга практично се отвори уште во петтата минута, кога Стефан Цветковиќ го донесе Вардар во водство. До крајот, гостите имаа уште неколку прилики да го зголемат резултатот, но и со еден погодок беа задоволни.
Во преостанатите натпревари, Шкендија славеше со 2-1 против Брера во Тетово, додека Арсими со важна победа од 0-1 на гостувањето кај Силекс во Кратово и официјално го обезбеди опстанокот во елитата.