Вардар со победа над Шкендија ја потврди титулата

Фудбалерите на Вардар триумфално ја завршија сезоната во Првата лифа и со победа од 3-0 во дуелот против најголемиот конкурент Шкендија Тетово го прославија враќањето на тронот во македонскиот фудбал.

За Вардар ова е прв шампионски трофеј по пауза од шест години, а вкупно 12. во клупската историја.

Новиот шампион поведе во 22. минута кога Нуман Ајетовиќ ја погоди сопствената мрежа. Во 36-тата, Горан Закариќ зголеми на 2:0, а триумфот го потврди Бобан Николов со голот постигнат на девет минути пред крајот на натпреварот.

Шкендија имаше можност да го постигне почесниот погодок, но Лиридон Љатифи во два обида не успеа да реализира удар од 11 метри.

По првиот пенал одлично реагираше голманот на “црвено црните”, Давор Талески, кој успеа да го одбрани и вториот шут откако судијата Бенјамин Ќерими донесе одлука ударот да се повтори.

Новиот шампион на Македонија, сезоната ја заврши со 80 бода, шест повеќе од Шкендија. Избраниците на Гоце Седлоски забележаа 25 победи и пет нерешени резултати и само два пати ја почувствуваа горчината на поразот.

Најефикасен во редовите на првакот е Азер Омерагиќ со 14 гола, Мато Роџерс кој си замина од екипата на полусезоната 12 пати се запиша меѓу стрелците, а на третото место со 11 погодоци е Горан Закариќ.