Вајли: Да ја завршиме работата до крај!
Џејкоб Вајли знае како треба да одиграме вечерва во решавачкиот натпревар за првото место на табелата во групата „Ф“ и пласманот во квалификациите за Светскиот Куп 2023 години кои стартуваат веќе од ноември.
Американецот со македонски пасош вели дека на дуелот со Словаците треба да му пристапиме максимално мотивирано, и пред се, колективно.
„Нема тука што посебно да се зборува. Треба да продолжиме со игрите од претходните два натпревари. Сите да го вложиме својот максимум од можностите, и со една тимска работа да стигнеме до потцртаната цел. Да го завршиме овој турнир со уште една силна игра, и на првото место“.
Но силното крило на нашиот национален тим знае дека не смее да има никакво олабување против екипата која пред неколку дена ја совладаваме убедливо, со 22.поени разлика.
„Во никој случај, погледнете што се случи на вчерашниот меч со Швајцарија. Тие ги потценија во последниот период и за малку ќе беа казнети. Словаците се доста жилава, еластична екипа, постојано вртат една игра, не се откажуваат од тоа, дури и кога губат. И ние ќе мора да играме заедно и добро во текот на сите 40.минути. Да немаме преголеми падови во играта како на некои од претходните натпревари. Мене не ме интересираат никакви математики. Гледам и очекувам само победа и ништо друго. Тоа е патот до успехот“- смета Вајли пред вечерашниот последен меч на турнирот во Скопје.