Вајли ја носи Сарагоса во полуфиналето на Лигата на шампионите

Џејкоб Вајли и неговата екипа Касадемонт Сарагоса ќе играат во полуфиналето на ФИБА Лигата на Шампионите. Во првиот четвртфинален натпревар од „Фајнал-ејт“ турнирот кој се одржува во рускиот Нижњи Новгород, шпанскиот претставник славеше победа (86:78) токму против организаторот на овој собир. Џејкоб Вајли, заедно со Дилан Енис и Елијас Херис се творците на големата победа. Македонскиот репрезентативец како стартер, одигра нешто повеќе од 26 минути во кои реализираше 15 поени, со 70% на реализација во шутот од поле. Силното крило дополни со осум скока (три офанзивни, а имаше и по една асистенција, освоена односно загубена топка за индекс 21, втор во екипата од Сарагоса.