Вегхорст го стави потписот на договорот со Манчестер Јунајтед

Фудбалерот на Барнли, Вут Вегхорст, до крајот на сезоната ќе настапува на позајмица во Манчестер Јунајтед, откако и официјално стави потпис на договорот со клубот од „Олд Трафорд“.

Холандскиот напаѓач, претходно го раскина договорот за позајмица со турскиот клуб Бешикташ, каде настапуваше од јули минатата година.

„Се чувствувам привилегирано што ќе играм за голем клуб како Манчестер Јунајтед, и се надевам дека ќе дадам свој придонес за поголеми успеси на екипата“, изјави 30- годишниот фудбалер.

Вегхорст пред да игра во Барнли, настапуваше за германскиот Волфсбург. Оваа сезона во Бешикташ тој постигна девет гола на 18 натпревари.