Велбек го реши Ливерпул, Брајтон извојува голема премиерлигашка победа

Фудбалерите на Ливерпул запишаа пораз во Брајтон (2-1), во 31-то коло од Премиер лигата.
Ливерпул пристигна на „Амекс“ без повредениот Мохамед Салах, додека Уго Екитике се повреди на почетокот на натпреварот. Во осмата минута ја напушти играта со солзи во очите. Веројатно станува збор за посериозна повреда.
Брајтон поведе во 14-та минута, кога, по центаршутот на Гомез, Велбек со глава ја испрати топката во мрежата на Мамардашвили, кој го замени Алисон на овој натпревар.
Ливерпул на тој начин беше казнет за промашувањето на Доминик Собослај само неколку минути претходно.
Сепак, „Црвените“ имаа одговор. По точно половина час игра, Милош Керкез имаше соло пробив и успеа да ја надмудри одбраната на сино-белите, а потоа ја искористи грешката на Луис Данк и мајсторски го совлада Вербруген.
Второто полувреме во целост им припадна на играчите на Брајтон. Во 56-та минута, ветеранот Велбек го постигна вториот гол.
Пред и по вториот гол на Велбек, Брајтон имаше неколку шанси, од кои не успеа да постигне гол.
По овој пораз, Ливерпул останува на петтото место со два бода помалку од Астон Вила и пет од Манчестер Јунајтед.
Брајтон, сега е осми, му се доближи на тимот од Енфилд на само шест бода. .
Во следната рунда, Ливерпул ќе се сретне со Фулам, а Брајтон ќе гостува кај Барнли.