Ветеранот Хауард ќе игра за грузиски второлигаш

Еден од најдобрите центри во историјата на НБА Двајт Хауард од октомври ќе го носи дресот на Блек Фортерс од Тбилиси, клуб кој се натпреварува во вториот ранг на грузиската кошарка.

„Грузијо, пристигнувам! Супермен официјално е на пат“, порача Хауард, кој очигледно донел одлука по бројните пораки од грузиските навивачи на социјалните мрежи.

Хауард е осумкратен Ол-стар, трикратен најдобар дефанзивец во НБА и шампион со ЛА Лејкерс во 2020 година.

По НБА авантурата играше на Тајван и во Монголија, а сега за првпат ќе се испроба и во Европа.