Викарио успешно опериран, играл еден час со фрактура на зглобот

Навивачите на Тотенхем долго ќе го паметат последното соочување со Манчестер Сити, на кое му приредија целосен потоп на тимот кој ја брани титулата во Премиер лигата и до пред некоја недела беше прв фаворит да успее во тоа.

Лондонскиот премиерлигаш обезбеди висока победа, а интересно италијанскиот голман Гилјелмо Викарио шеесетина минути играл со фрактура на едната нога.

Викарио имаше дуел со Савињо уште во првото полувреме, по кој доби и лекарска интервенција, но решил да го продолжи натпреварот и покрај болката во ногата.

Херојскиот настап на Италијанецот му помогна на Тотенхем да ја потврди победата, но Викарио морал да се оперира и сега го очекува задолжителна пауза.

– Играв 60 минути на „Итихад“ со скршена коска во зглобот, давајќи максимум за мојот тим. За жал, не можев да го избегнам ова, мораше да бидам опериран, – открил Викарио.