Високи цени на билетите за СП во Катар
Цените на билетите за Светското првенство во Катар се и до 46 % повисоки од оние за претходниот Мундијал во Русија, објавија светските агенции. Единствено пониски се цените на некои влезници од натпреварите во групната фаза на турнирот, за кои навивачите можат да се пријават преку Интернет.
Најскапите билети во продажба се за финалето на 18 декември. Тие чинат 5.850 катарски ријали, што е еквивалентно на 1.607 долари, 46 отсто повеќе од 1.100-те долари што требаше да платат навивачите за да го гледаат финалето на шампионатот во 2018 година во живо. Билетите за втора класа чинат 1.003 долари, што е за 41 отсто повеќе од пред четири години. Оние од третата категорија се околу 604 долари, една третина поскапи од претходниот шампионат.
Најниска цена имаат билети кои се во продажба по цена од 302 долари, во споредба со 220 долари кои беа на претходното СП. За граѓаните на Катар има и поевтини билети во вредност од 40 ријали или околу 11 долари. Навивачите сега можат да се пријават на лотаријата за да купат билети за Светското првенство.