Влаховиќ заминува од Јуве, нема да добие нов договор со „старата дама“

Преговорите меѓу Душан Влаховиќ и Јувентус околу потпишувањето на нов договор се одолговлекуваат, но фудбалерот сè повеќе губи интерес да остане во Торино, пишува „Газета дело Спорт“.

Извршниот директор на Јувентус, Дамиен Комоли, призна дека поради пропуштениот пласман во Лигата на шампионите, во клубот ќе има повеќе заминувања ова лето од планираното, а се чини дека српскиот репрезентативец е на врвот на таа листа.

Во февруари и март, преговорите со Душан и неговиот татко Милош се движеа во вистинската насока и се чини дека тие беа спремни да се согласат на договор според кој тој ќе заработува 50 проценти помалку од актуелната плата, но со текот на времето преговорите се оладија.

Извор на „Газета“, наведува дека проблемот не се парите, туку фактот што Влаховиќ смета дека не може да напредува во Јувентус. Тој не е задоволен ниту од улогата што ја има во тимот, ниту од лошите резултати на клубот. Најважно е отсуството од ЛШ следната сезона.

Од друга страна, некои играчи како Локатели сметаат дека Влаховиќ е себичен и не придонесува за тимот. Ова неодамна резултираше со вербална расправија меѓу капитенот и напаѓачот.

Поради сето ова, српскиот напаѓач започнал да разгледува понуди од Челзи, Барселона и Баерн, кои веќе ги има на маса.