Влаховиќ размислува да го напушти Јуве

Напаѓачот на Јувентус, Душан Влаховиќ би можел да го напушти тимот на крајот на сезоната, според одредени информации кои ги објавија медиумите во Италија. Двете страни се согласни за таков потег. Главните причини се две: финансиските проблеми на клубот и честите повреди на српскиот интернационалец, кои го спречуваат да го открие целиот свој потенцијал.

Влаховиќ е посакуван од лондонските екипи Челзи и Арсенал. „Топчиите“ се надеваа дека ќе го купат во јануари оваа година, но тогаш самиот фудбалер инсистираше да потпише со Јувентус и покрај непријателството меѓу „бјанконерите“ и неговиот поранешен клуб Фиорентина.

Јувентус во Србинот вложи 81,6 милиони евра и мора да плати уште 10 милиони на „виолетовите“ во вид на бонуси. Влаховиќ многу силно го започна престојот во гигантот од Торино, но потоа почна да пропушта многу натпревари поради повреди. Во тековната сезона има 15 настапи и 7 голови во сите натпреварувања. Јувентус сигурно нема да го пушти Влаховиќ во зимскиот преоден рок и ќе ги разгледа можните понуди за него по завршувањето на сезоната.