Влахо: Работнички има европски проект!
Работнички оствари важна гостинска победа (0-2) против второпласираниот тим на табелата, Шкупи. Тимот на Александар Влахо одигра одличен натпревар, а славеше со головите на Кристијан Стојкоски и на Никола Прелчец. Шефот на стручниот штаб е задоволен од изданието на тимот, заслугите им ги припишува на фудбалерите, а вели дека ова е само почеток на еден нов проект на клубот за европски Работнички. „Честитки за фудбалерите, одиграа одличен натпревар, ги исполнија сите поставени задачи, максимално ги испочитуваа и тактичките замисли кои ги договоривме пред мечот. Тоа веднаш даде резултат, мислам дека го изненадивме Шкупи со офанзивниот пристап и со високиот пресинг уште на самиот почеток од натпреварот. Кога ќе се оствари триумф против Шкупи на гости, тоа секако предизвикува задоволство. Но, морам да напоменам дека се уште сме на самиот почеток. Ова е проект на кој треба да работиме сериозно во наредниот период и постепено да го надградуваме, а крајната цел е тим на Работнички со еден европски и модерен лик. Стратегијата на клубот секако останува да се форсираат млади и талентирани играчи кои ќе треба да израснат во фудбалери од европски калибар. Работнички има голем фудбалски потенцијал, среќен сум што заедно со спортскиот директор Горан Станковски и со претседателот Драган Поповски направивме една добра селекција, која треба да ја усовршуваме. Мислам дека сме на вистинскиот пат, но ќе треба да се докажуваме и да се подобруваме на секој нареден натпревар“, вели тренерот Александар Влахо. Работнички на стартот од третиот круг на натпреварувањето во Првата фудбалска лига в сабота на домашен терен ќе го пречека составот на Академија Пандев.