Воска Спорт се повлече од Првата фудбалска лига

Управата на ФК Воска Спорт официјално соопшти дека донела одлука да се повлече од настапите во Првата македонска фудбалска лига.

Оваа одлука доаѓа откако Фудбалската федерација на Македонија жестоко го казни клубот за напуштањето на теренот на натпреварот против Вардар во минатото коло на ПМФЛ и му одзеде девет бода на прволигашот кој се бореше за опстанок во елитата.

Според управата на Воска Спорт, тимот бил оштетен во неколку наврати со судиските одлуки во текот на сезоната и затоа била донесена одлука за повлекување од најсилното фудбалско првенство.

Покрај одземените бодови, беа казнети и претседателот Нефи Усеини и тренерот Клодиан Арбри, кои добија двегодишна суспензија, а клубот дополнително ќе треба да плати парична казна во висина од 7,500 евра.