Во Абердин одушевени од гол-серијата на Бојан Миовски

По кризниот период Абердин почна да се искачува на табелата, а големи заслуги за тоа има и нашиот Бојан Миовски кој даде три од четирите гола во двете победи кои се случија во последните три меча.

Македонецот синоќа донесе победа од 1-0 против Ливингстон. Миовски стигна до бројката од 15 погодоци во шкотската лига оваа сезона.

Новиот тренер на Абердин, Бери Робсон има само пофалби за македонскиот напаѓач.

„Лесно е да си тренер на Бојан Миовски. Секогаш му велам иста работа, трчај брзо, давај голови и тој го прави тоа. Го направи тоа и денеска против Ливингстон, што беше многу важно бидејќи ова беше значаен натпревар за нас. Ливингстон секогаш настојува да ја прекинува играта и темпото да биде што е можно побавно, но Миовски даде гол со кој ги исфрли од ритам гостите“, изјави Робсон.