ВТА турнир со две победнички, за финале немаше време?!

Естонката Анет Контавеит и американката Ан Ли, ја поделија титулата на ВТА турнирот Грампианс Трофи викендов, откако организаторите останаа без време да го организираат финалето. Турнирот требаше да заврши во недела, но еден од вработените во хотелот во кој тенисерките беа сместени во карантин беше позитивен на коронавирус, па сите натпревари планирани во четвртокот беа одложени. Време за финале едноставно не остана, бидејќи веќе денеска на распоредот беа првите натпревари од Австралија Опен. Двете тенисерки ќе примат парична награда и врачен им е трофеј, односно ќе им биде доделена титула, објави ВТА. „Секако, би сакала да го одигравме финалето, но така е како што е, па на еден начин е и убаво да се подели трофејот.“ – изјави Контавеит.