Втор пораз на женската репрезентација до 15 години

На вториот ден од развојниот турнир за девојчиња до 15 години во Струмица, репрезентацијата на Македонија беше совладана од Црна Гора со 3:1.

Нашата репрезентација поведе со голот на Јонида Лика во 16 минута. Во второто полувреме Црна Гора израмни преку Јелена Сариќ во 65 минута.

Летиција Хабибовиќ во 81 минута и носи предност на Црна Гора од 2:1, а конечните 3:1 ги постави Сариќ со гол во самиот финиш на натпреварот.

Во вториот натпревар репрезентацијата на Турција триумфираше над Молдавија 6-0, а сите погодоци беа постигнати во првото полувреме.

Хет трик забележа Мари Нила Суливан, а во листата на стрелци уште се запишаа Мејра Ферик, Су Белинај Тунчел и Лина Бухан.

По два одиграни натпревари Турција е прва со две победи, Црна Гора и Молдавија се на делба на второто место додека Македонија е последна без победа во досегашниот дел од турнирот.

Последните натпревари се на програмата на в среда со почеток во 11.00 часот. Македонија ќе ја пречека Турција на стадионот Кукуш во Турново додека Црна Гора и Молдавија ќе го одиграат последниот натпревар на стадионот Пандев во Струмица.