Гарабаја: Долго време ни требаше да се навикнеме на данската промена во играта

Данскиот вицепрвак ГОГ Гудме го надигра македонскиот шампион Еурофарм Пелистер, со аплауз и со два бодови замина од Битола. Конечниот резултат од 28-31 можеби е нереален, бидејќи во првото полувреме постоеше искра надеж дека со помош на осмиот играч – „Чкембарите“, битолчани ќе слават.
По натпреварот своите мислења ги искажаа протагонистите во битолскиот табор.
Рубен Гарабаја
(тренер на Еурофарм Пелистер)
Можевме да видиме три натпревари во само овој еден. Тргнавме многу добро, ги следевме тактичките замисли на почетокот и тоа работеше. Потоа тие ја сменија средбата, тргнаа со нов напад и почнаа да играат директно со многу ситуации „еден на еден“ и кога беа со човек повеќе тоа направи разлика. Долго време ни требаше да се навикнеме на таквата игра. Ги заборавивме нашите тактички движења и потоа доцна се разбудивме и сфативме дека моравме посилно да се браниме. Кога го разбравме тоа, веќе беше доцна. Имаме два натпревари до следниот меч во Лигата на шампионите. Сепак, не можеме да запреме бидејќи имаме два тешки домашни меча. Жалам што имаме неколку врзани многу важни средби во Суперлигата, ама таков е календарот.
Ник Хенигман
(ракометар на Еурофарм Пелистер)
Првото полувреме и стартот до 20 минута бевме навистина добри, водевме 10-5. Потоа не знам, требаше да играме сигурно и да одиме на повисока разлика, а со тоа ќе го затворевме мечот. Се опуштивме и тие ја одиграа својата игра. До крајот на полувремето се вратија до егал, а потоа отворија со водство во второто. Како да не можевме да најдеме одговор на нивната игра „седум на шест“. Сигурно е дека можеме да парираме на секој ривал. Треба овој неуспех да се анализира и да се подготвиме подобро за следниот натпревар.
Во домашниот тим со својата прецизност се истакнаа Манасков со девет и Кузмановски со осум гола