Гедеш претставен во Вулверхемптон

Гонзало Гедеш веќе е фудбалер на Вулверхемптон. Португалскиот интернационалец се пресели на „Молину“ од Валенсија за 32 милиони евра без бонусите предвидени во договорот.

Гедеш е дете на Бенфика и се проби во првиот тим во 2015 година. По две сезони со неговиот матичен тим, тој беше продаден на Пари Сен Жермен за 30 милиони евра, но не успеа да се наметне. Следуваше трансфер во Валенсија, а во 2018 година „лилјаците“ го купија за 40 мил.

Изминатата сезона беше најсилна за португалското крило на „Местаља“. Во Ла Лига постигна 11 гола и имаше 6 асистенции.

25-годишниот играч за Португалија има 32 настапи и 7 гола. Уште 9 негови сонародници играат во Вулверхемптон.