Георгиевски: Завршниот турнир беше празник за кошарката!
Генералниот Секретар на Кошаркарската Федерација, Владимир Георгиевски, не го криеше задоволството од организацијата на завршниот турнир од Купот во женска конкуренција пред седум дена, а и од завршниот Куп-турнир во машка конкуренција кој заврши со дуелот помеѓу градските ривали МЗТ Скопје Аеродром и Работнички.
Предизвици секогаш ќе има за организација, особено во време кога пандемија ги диктира условите, но Генералниот Секретар на КФСМ смета дека успешно се надминати.
„Со оглед на ситуацијата во која се наоѓаме предизвиците беа големи од аспект на организација како ќе се спроведат сите протоколи, а да кошарката биде блиска до гледачите и нормална колку што може. Вложивме напори и мислам дека сè се заврши на најдобар начин. Финалето беше дерби, во секоја смисла на зборот покрај дуел на градските ривали, неизвесно до крај како што впрочем беше и целиот турнир. Навистина беше празник на кошарката и најава за она што следува во плејоф натпреварите. Здравјето на сите учесници и сите присутни ни беше приоритет и можам да кажам дека огромен товар ни се симна од гради бидејќи се помина во најдобар ред.“ – истакна Генералниот Секретар.