Германија по ЕП останува без играчи од Реал и Сити?!

Германија на Европско првенство, последното на кое репрезентацијата ја води Јоаким Лев, отвори со пораз од Франција со 1:0.

Веднаш по натпреварот „Билд“ објави дека ова би можело да биде последно големо натпреварување за Тони Крос и Илкај Гундоган. Причина за тоа е што новиот селектор Ханси Флик во средниот ред планира да ги користи Џошуа Кимих и Леон Горецка, двајцата фудбалери кои во последните две сезони ги користеше во Баерн. Тоа значи дека 31-годишниот Крос, играчот на Реал, и година помладиот Илкај Гундоган, кој е член на Сити, ќе мораат да чекаат прилика од клупата, а таа опција не им се допаѓа.

„По ЕУРО тие двајца ќе размислат дали и понатаму ќе бидат на располагање на селекторот.“ – пишува Билд за двајцата кои синоќа против Франција ги одиграа сите 90 минути.

Според истиот извор, одлуката за продолжување на репрезентативната кариера се уште не ја донеле ниту 32-годишниот Матс Хумелс и 31-годишниот Томас Милер. Билд пишува дека тие веројатно ќе се опростат од репрезентацијата по Светското првенство идната година.