Германија ја сака организацијата на Мундијалот во 2038 година

Извршниот директор на Ајнтрахт Франкфурт и член на Извршниот одбор на Германската фудбалска федерација (ДФБ), Аксел Хелман, откри дека во федерацијата постои силна желба да се поднесе кандидатура, при што како пореална опција ја посочи 2042 година.
„Би биле среќни да бидеме домаќини. И ДФБ и претседателот Бернд Нојендорф сакаат да поднесат кандидатура за 2042 година, а можеби и за 2038 година. Сè ќе зависи од правилата на ФИФА“, изјави Хелман.
Тој нагласи дека Германија веќе располага со речиси сè што е потребно за организација на еден ваков спектакл – модерна транспортна мрежа, хотелски капацитети и стадиони кои, според него, би биле исполнети до последното место.
„Имаме инфраструктура, терени за тренинг и стадиони. Потребни ни се само дополнителни модернизации и реновирања на дел од арените. Убеден сум дека имаме одлични шанси да организираме успешно Светско првенство во 2042 година“, додаде Хелман.
Тој потсети и на позитивното искуство од Мундијалот во 2006 година, кога Германија, според него, значително го подобрила својот имиџ во светот.
„Тоа беше најдобрата маркетиншка кампања што некогаш сме ја спровеле. Инвестициите во јавниот превоз и инфраструктурата имаа долгорочна корист за целото општество, а светот ја запозна Германија како земја со одлично гостопримство“, истакна Хелман.
Следното Светско првенство ќе се одржи во 2030 година, кога домаќини ќе бидат Шпанија, Португалија и Мароко, додека Уругвај, Аргентина и Парагвај ќе организираат по еден натпревар по повод стогодишнината од првиот Мундијал. Турнирот во 2034 година, пак, ќе се игра во Саудиска Арабија.
Германија го организираше Европското првенство во фудбал во 2024 година, кое го освои Шпанија.