Германците го „молат“ Левандовски да не го сруши рекордот на Милер

Роберт Левандовски на натпреварот помеѓу Фрајбург и Баерн минатиот викенд го постигна 40. погодок во лигата сезонава.
Полскиот интернационалец со тоа го израмни рекордот на Бундеслигата стар 49 години. Легендарниот Герд Милер досега беше единствениот фудбалер кој во една сезона постигнал 40 погодоци, а тоа успеа да го направи во сезоната 1971/72.
Сега Левандовски во 28 одиграни натпревари го израмни неговиот рекорд, а може и да го сруши во последното коло против Аугсбург.
Но, некои германски медиуми, па дури и фудбалски легенди, јавно го замолија да не го направи тоа.
„Се укажува на тоа дека Левандовски ќе го сруши рекордот, но што ако доброволно се откаже од тоа? Незамисливо, зар не? Кога само овој викенд би можел да биде препуштен на Милер. Зошто? Бидејќи тоа е Герд Милер. Бидејќи Баерн никогаш не би бил клуб каков што стана доколку не беше Милер. Тоа би бил најубавиот начин да му се оддаде почит на Милер.“ – пишува Петер Аренс, колумнист на „Дер Шпигел“.
„Од почит кон Герд Милер, Левандовски не би требал да настапи против Аугсбург.“ – додава Дитмар Хаман, поранешен германски репрезентативец.
Меѓутоа, се чини дека сите тие барања се залудни, бидејќи Левандовски изрази желба да го постигне 41. погодок во последното коло.