Гигантите го продолжуваат сонот за Суперлигата
Судот во Мадрид ја отфрли денеска жалбата на УЕФА на одлуката да се поништат сите активностите преземени против 12-те клубови основачи на фудбалската Суперлига.
Трите клубови, кои не го напуштија проектот – Реал Мадрид, Барселона и Јувентус, порачаа преку заедничко соопштение вечерва дека ќе продолжат со развој на Суперлигата.
Задоволни сме што во иднина повеќе нема да бидеме изложени на постојаните закани од УЕФА. Нашата цел е да продолжиме да го развиваме проектот Суперлига на конструктивен и кооперативен начин, секогаш, притоа, сметајќи на сите заинтересирани страни во фудбалот – навивачите, играчите, тренерите, клубовите, првенствата, како и националните и меѓународни асоцијации, порачаа Реал, Барселона и Јувентус во заедничкото соопштение.
Трите клубови ја обвинија УЕФА за монопол во светот на фудбалот, истакнувајќи дека екипите, кои учествуваат во европските купови имаат право да управуваат со своите натпреварувања.
Со одлуката на Трговскиот суд во Мадрид, донесена на 1 јули, за ништовни се прогласуваат дисциплинските мерки на УЕФА, кои беа прифатени од другите девет основачи на Суперлигата.
Атлетико Мадрид, Милан, Интер, Арсенал, Челзи, Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед и Тотенхем ги прифатија казните од УЕФА да се откажат од пет отсто од приходите во следната сезона од настапите во еврокуповите, и заеднички да уплатат 15 милиони евра во солидарниот фонд на УЕФА како „гест на добра волја“.