Ги продава двата шампионски прстени за помош на Украина
Поранешниот украински кошаркар Слава Медведенко одлучи да ги продаде своите два шампионски прстени во НБА лигата, кои ги освои како член на Лос Анџелес Лејкерс во 2001 и 2002 година, а сите пари од продажбата ќе бидат наменети за помош на неговата земја, разурната од војна.
Целта на Фондацијата Медведенко е да ги поддржи украинските деца со обновување на спортската инфраструктура во училиштата и започнување мрежа на социјални спортски клубови.
„Сакаме да ги обновиме салите и просториите за обука бидејќи руската армија бомбардираше повеќе од 100 училишта. На нашата земја и требаат многу пари за обнова на училиштата, а спортските сали ќе бидат последни во редот за поправка. Во Украина во текот на зимата децата мора да си играат во затворени простории“, изјави Медведенко.
Аукцијата за прстените на Медведенко ќе трае од среда, 27 јули до петок, 5 август, а се проценува дека ќе достигне цена од најмалку 100.000 долари.