Главниот кандидат за руки на годината во „аут“ до крај на сезона

Младиот играч на Шарлот Хорнетс, Ламело Бол најверојатно ќе го пропушти остатокот од НБА сезоната поради повреда, објави клубот. Бол ја заработи повредата при пад во саботниот натпревар против Лос Анџелес Клиперс. Прегледите покажаа дека има скршеница на зглобот на раката. Се уште не е дефинитивно потврдено дека нема воопшто да се врати сезонава, бидејќи ќе побара и второ лекарско мислење, но се чини изгледно дека дебитантската сезона за Бол е завршена. Ламело Бол беше избран како трет избор на НБА драфтот воочи оваа сезона и во моментот е прв фаворит за освојување на наградата за најдобар руки на годината. Во просек, тој бележи 15,9 поени, 6,1 асистенција и 5,9 скокови по натпревар.