Главоболка за Клоп, колку ќе паузира Хендерсон?
Капитенот на Ливерпул, Џордан Хендерсон по направените детални прегледи ќе дознае колку долго ќе отсуствува од терените поради повреда која ја заработи на градското дерби против Евертон. Капитенот на актуелниот шампион на Англија го напушти теренот по само 30 минути игра со болна гримаса на лицето. Јасно е дека се работи за отсуство од терените од неколку недели, а клучно прашање е дали Клоп ќе може да смета на Хендерсон за реванш натпреварот од осминафиналето во Лигата на шампионите против Лајпциг. Поволно е тоа што „црвените“ ќе го дочекаат овој дуел со предност од 2:0 од првиот натпревар, па и во случај на евентуално отсуство на репрезентативецот на Англија, имаат на што да се надеваат. По првиот пораз од Евертон уште од 1999. година, Клоп призна дека медицинскиот тим не е оптимист по повредата на Хендерсон, а веќе сега може да се потврди дека нема да настапи на натпреварите против Шефилд, Челзи, Фулам и Вулверхемптон.