Голд Фелициа со вредна донација за основното општинско училиште Ѓорѓи Сугарев од Битола

Компанијата Голд Фелициа со огромно задоволство излезе во пресрет на барањето од основното општинско училиште Ѓорѓи Сугарев од Битола, и донираше видео проектор и преносно платно за потребите на учениците кои ја посетуваат наставата во оваа образовна институција.

Донацијата ќе биде од голема корист како за учениците така и за наставниот кадар, посебно во ова време на пандемија од ковид-19 каде има потреба од почитување на посебни протоколи за одвивање на наставата. Донираниот видео проектор и преносно платно ќе помогне во непречено одвивање на наставниот процес преку нивно користење за што подобра презентација на материјалот и содржините кои се предаваат на часовите.

Честа да ја предаде донацијата во име на компанијата Голд Фелициа имаше нејзиниот менаџер, Димитар Андоновски, кој при оваа пригода истакна дека Голд Фелициа е општествено одговорна компанија, која и во идннина ќе продолжи да донира и помага онаму каде има потреба за тоа.

Директорот на основното општинско училиште Ѓорѓи Сугарев, м-р Роберт Филиповски, при примањето на донацијата изрази голема благодарност до Голд Фелициа за брзиот и позитивен одговор на нивното барање, со надеж дека соработката ќе продолжи и во иднина.