Голем спортски настан во Охрид, започна Европскиот Куп во параглајдинг
Околу педесетина натпреварувачи од Европа од четиринаесет земји ќе настапат на Европскиот Куп во параглајдинг, кој од денес до недела се одржува во Охрид.
На терените на на СРЦ „Билјанини извори“ параглајдеристите пред полните трибини со ученици од основните и средни училишта од Охрид го развиореа знамето на Охрид во чест на Денот на ослободувањето на градот.
„Ова случување го направи денов уште повеличествен ако се земе во предвид дека европската фела од областа на параглајдерството е токму во Охрид. Неколку десетици параглајдеристи од земјава и странство ќе прелетаат над охридското небо и ќе го направат денов, посебен, незаборавен. Во ремен или во кожурец како „мешун“ виси под крилото од ткаенината спортистот со исклучителен авантуристички дух. Лесни, слободно летачки, едрилици со пешачки авион без цврста примарна структура денес ќе ја красат небесната шир и ќе крадат многу воздишки од сите нас. Посакувам сите вие да се рекреирате и забавувате, но нека победи најдобриот оној кој „најмудро“ ќе соработува со ветрот“, рече претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.
На Европскиот куп во параглајдинг учесниците ќе се натпреваруваат во индивидуална и тимска категорија, во машка и женска конкуренција.