Голем удар за Атлетико во клучен период!
Дефанзивецот на Атлетико Мадрид, Хозе Марија Хименез ќе паузира најмалку три недели поради повреда и така ќе пропушти неколку важни натпревари. Хименез нема да игра на првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите против Челзи, а ќе пропушти и минимум четири лигашки натпревари – денешното гостување кај Гранада, двомечот со Леванте, па гостувањето кај Виљареал, а ќе биде неизвесен и за градското дерби против Реал на 7. март. Ова е голем удар за Симеоне кој во минатиот период имаше отсутни фудбалери и поради корона, а се уште во аут се Жоао Феликс и Хектор Херера, додека се вратија Ермосо и Караско. Во отсуство на Хименез, тројца стопери ќе мораат да играат на сите натпревари, Савиќ, Фелипе и Ермосо, што нема да биде нималку лесно. Атлетико во наредните три недели има шест натпревари, од кои само два во Мадрид, против Леванте и Реал.