Горан Станиќ: Штета за поразот, имавме преголем респект за противникот

Македонија до 21 година забележа пораз од Италија (0:1) во Битола во квалификациите за Европското првенство. Иако имавме играч повеќе уште од 35. минута, младите „аѕури“ постигнаа гол и заминаа со победа.

На прес-конференцијата по натпреварот, селекторот Горан Станиќ ја даде својата анализа:

„Најпрво сакам да упатам благодарност до градот Битола за одличната организација. Италија е фаворит во групата и тоа е јасно. Почетокот на мечот ни беше тежок, слично како против Полска, преголем респект кон противникот. Подоцна се ослободивме и игравме многу подобро, дури имавме моменти кога бевме рамноправни или и поквалитетни од нив. За жал, повторно сме казнети од наша невнимателност во одбраната. Италијанците такви грешки не простуваат. Ние создадовме повеќе шанси, имавме удари, но недостасуваше реализација. Ако не постигнуваме голови, тогаш попусто е и целата тактичка подготовка. Се надевам дека играчите во своите клубови ќе добиваат доволно простор и ќе напредуваат, бидејќи во репрезентацијата нема многу време за работа“

Македонската младинска селекција следните натпревари ќе ги одигра во октомври против Ерменија и Црна Гора.