Гостивар го изненади Пелистер на дебито на Петровиќ на клупата

Кошаркарите на Пелистер не успеаја да забележат нова победа во Супер-лигата откако вечерва загубија на гостувањето против Гостивар со резултат 89-86. Фаворитската улога не беше оправдана на теренот, „зелено-белите“ му дозволија на домаќинот три четвртини да доминира, а подоброто издание во последните десет минути се покажаа недоволни за целосен пресврт и позитивен резултат.

Првото полувреме беше најслабото што Пелистер го одигра во Супер-лигата од стартот на оваа сезона. „Зелено-белите“ одиграа далеку под своите можности, му дозволија на противникот да доминира и да диктира темпо, зголемувајќи ја предноста како што одминуваше времето. Битолчани првите поени ги постигнаа преку Митревски по неспортскиот старт врз репрезентативецот, преку Малешевиќ поведоа со 2-4, по што Гостивар со серија од пет поени стигна до предност од 7-4. Стојановски за момент донесе ново минимално водство (7-8) на половина од првата четвртина, но Пелистер до крајот на овој период постигна само уште два поени, па Гостивар оствари предност од 19-10.

Митревски ја отвори втората четвртина со тројка за 19-13, но гостиварци повторно доминираа на теренот и набрзо стигнаа до првото двоцифрено водство (13. Минута, 25-15). Пелистер во долги периоди имаше сериозни проблеми во нападот, пред крајот на полувремето се влезе во серија на тројки, но во тој период „зелено-белите“ се соочија со проблеми во одбраната, па првото полувреме го завршија со негатива од 14 поени (46-32).

Малешевиќ го отвори второто полувреме со пет поени, Пелистер делуваше далеку подобро, амалувајќи со забивањето на Вилсон на 48-41. Голем проблем беше што центарот Вилсон во 23. Минута ја заработи и четвртата лична грешка. Госттивар го искористи тоа, набрзина поведе со 51-41, резултат при кој Пелистер промаши три слободни фрлања во низа. Гостивар поведе со најубедливи 16 поени (62-46), битолчани возвратија со мини-серија, со тројката на Митревски намалија на 67-58, за третата четвртина да заврши со 69-58 по примени поени по нов офанзивен скок.

Си-Џеј Вилсон погоди тројка намалувајќи на 69-61, потоа и за два за 69-63, резултат при кој на Стајиќ најпрвин му беше досуден фаул, а потоа и техничка грешка. Предноста пак стана двоцифрена, но Пелистер покажа карактер и не се предаде, па по брзите реализации на Андреј Митревски и на Дамјан Крстевски (две за десетина секунди) намалувајќи на 76-72 на четири минути до крајот.

Судиите изненадија со подарок за домаќините – слободно фрлање по неоправданата техничка грешка на треерот Даскаловски, гостиварци знаеја како да го искористат тоа и набрзина поведоа со 81-72. „Зелено-белите“ повторно собраа сили за да намалат на 81-75, при овој резултат Вилсон не погоди тројка со која ќе го внесеше мечот во неизвесен финиш, па Пелистер на крајот го загуби овој меч со конечните 89-86, со тројката на Лука Стојановски во самата завршницса.

Aндреј Митревски беше прво име кај Пелистер со 23 поени и смао две промашувања од поле, Лука Стојановски имаше 16 поени, две повеќе од Малешевиќ, додека Си-Џеј Вилсон реализираше 13 поени.